We all live in a Perry Groves world…

Perry Groves

По повод средбата со Пери Гроувс во Будимпешта, седнав да прочитам нешто повеќе за човекот кој и покрај тоа што не беше некоја којзнае каква ѕвезда, кај навивачите и ден денес има статус на легенда. Се запрашав што е тоа што го прави еден играч легенда во денешното време, ерата на модерниот фудбал? Зошто навивачите направија култен херој од Гроувс? И зошто неговата песна и ден денес ечи на Емирати, иако Пери веќе одамна ги има закачено своите копачки?
Пери никогаш не беше најталентираниот играч, дури не беше ни регуларен стартер во тимот. Пери беше играч кој можеше да се сопне од топката, па дури и од сопствените нозе, но истовремено беше играч кој знаеше да постигне важен гол. И најважно од сѐ, Пери играше со срце, а срцето и ден денес му е црвено-бело. Пред неколку години, Пери беше гостин во емисија на ББЦ, каде водителот, почнувајќи од самиот себе, ги облекуваше своите гости во дресови на нивните клупски ривали. Пери одби да облече дрес на Тотенхем, велејќи дека ќе даде двојно повеќе пари отколку што му нудат, само за да не го облече.

_47441988_ashton_murray_groves_horror

Својата професионална кариера Гроувс ја започнува во Колчестер Јунајтед во 1982 година, а во 1986 пристигнува во Арсенал, како прво засилување на тогашниот нов менаџер, Џорџ Греем. „Тоа беше храбар потег“, вели Гроувс. „Доаѓате во Арсенал и сите очекуваат од вас да потпишете некое извикано име, а не некој непознат играч од Колчестер“. Гроувс признава дека чувството да се игра заедно со Тони Адамс, Чарли Николас, Пол Мерсон, Дејвид Рокасл, Вив Андерсон, Греем Рикс, Кени Самсон, Дејвид О’Лири и останатите, било навистина неверојатно, но тој тврди дека воопшто не се променил како човек. Честопати Пери знае самиот да се пошегува на своја сметка за својот култен статус во клубот „Сигурно не сум најлошиот играч кој некогаш заиграл за Арсенал. Но исто така мора да признаам дека не бев ни најдобриот“. Со Арсенал Пери ќе освои три трофеи, две титули во Лигата и еден трофеј во Лига купот 1987 година. И покрај нередовните настапи во првиот тим, Пери има свој придонес кон освоените трофеи. Во финалето во Лига купот против Ливерпул, Пери ќе влезе како замена и токму тој ќе биде клучниот играч за победата на својот тим. Кон крајот на натпреварот, Пери ќе успее со дриблинг да помине тројца противнички играчи и да ја уфрли топката до Чарли Николас, кој го постигнува победничкиот погодок со што Арсенал доаѓа до свој прв трофеј во 8 години. Ќе ги одигра поголемиот дел натпревари во сезоната 1987/88 и со победничкиот гол против Евертон во полуфиналето, ќе го одведе својот тим до уште едно Лига куп финале, кое овојпат Арсенал ќе го загуби. Со пристигнувањето на Брајан Марвуд, следната сезона Гроувс ќе го загуби своето место во тимот и сѐ почесто натпреварите ќе ги започнува од клупата. Во текот на сезоната 1988/89 Гроувс ќе постигне неколку важни голови, а не треба да се потцени и неговата улога во победничкиот гол во култниот натпревар против Ливерпул на Енфилд во 1989 година, кога Арсенал ја освојува титулата буквално со последниот свиреж на судијата. Всушност, Пери влезе како замена во тој натпревар и тој беше играчот кој трчаше наоколу и постојано повлекуваше играчи со себе, со што му отвори простор на Мајки Томас за победничкиот гол. „Никој никогаш не ми се заблагодари што ја променив историјата на Арсенал со тоа трчање и ја одвлеков сета одбрана на Ливерпул! Всушност, тоа и ми го кажа Џорџ Греем – има уште 20 минути, оди, трчај наоколу и загорчи им го животот. И тоа е тоа што го сторив. Не сум ни сигурен дека воопшто и ја допрев топката таа вечер, но дефинитивно им го одвлеков вниманието на играчите на Ливерпул за победничкиот гол“.

2158253606  article-2267850-05D06AA60000044D-235_634x413
Гроувс беше стартер на неколку натпревари следната сезона, но кога Марвуд се врати по повредата, Пери повторно се врати на клупата. Сепак, тоа не го спречи да ја освои и својата втора титула со клубот, во сезоната 1990/91. Како што тимот на Греем стануваше сѐ подефанзивен, така сѐ помалку имаше место за Гроувс во него, па летото 1992 година беше продаден во Саутемптон. Таму ќе одигра само 15 натпревари во две сезони, во кои ќе доживее две сериозни повреди на ахиловата тетива, што ќе го натераат да се повлече од фудбалот и прерано да ја заврши својата кариера, на само 28-годишна возраст.

Читајќи разни интервјуа, добив впечаток дека Пери Гроувс е многу забавна личност. Неговиот живот е преполн со шеги и анегдоти, од мамурни натпревари, до посета на бордели. Меѓу нив би можела да ја издвојам приказната за тимското патување во Португалија. Пери, заедно со неколкумина други соиграчи отишле во некој ноќен клуб, каде се спречкале со група американски маринци околу неколку девојки. Потоа, на излегување од клубот, тројца маринци со својот автомобил со сета сила тргнале кон нив, така што овие едвај ги избегнале. „По некоја случајност, Чарли Николас имаше флаша вотка во раката која ја фрли во автомобилот и го скрши прозорецот“, раскажува Пери. „Ние побегнавме и мислевме дека тоа е тоа, никому ништо, но маринците повикаа полиција. Полицајците дојдоа и нѐ приведоа мене, Чарли, Вив Андерсон, Рис Вилмот… можеби и Греем Рикс беше таму, не можам да се сетам. Не одведоа во станица и ни рекоа дека може да нѐ обвинат за обид за убиство! Во тој момент, јас само зјапав во Вив, затоа што тој беше најискусниот од сите нас… и мора да признаам дека за првпат видов црнец да побели! За среќа, ништо страшно не се случи. Дојдоа Џорџ Греем и Кен Фраер и нѐ спасија“.

pg  perry-groves-world

Всушност, доволно е да прочитате само едно интервју од овој човек за да сфатите зошто навивачите сѐ уште го обожаваат. Неговата автобиографија, наречена по песната за него, „We all live in a Perry Groves world“, навистина не е обична фудбалска автобиографија исполнета со статистики и податоци. Всушност критичарите ја опишуваат како забавна и несекојдневна, книга која зборува за едно време кога фудбалерите се пијанчеа, правеа проблеми, влегуваа во неволји, а сепак освојуваа трофеи. Зборува за време кога фудбалерите заработуваа малку пари, а својата душа ја оставаа на теренот. Во прологот на својата книга, тој вели:
Беше 6 мај, 2006 година. Дел од најдобрите играчи што некогаш играле за Арсенал се собраа на Хајбери, местото кое во еден дел од нашите животи го нарекувавме „дом“. Поводот беше 2010-от и последен натпревар на Топчиите на овој стадион, пред да заминат во својот нов дом, стадионот Емирати. По победата од 4:2 над Виган, повеќе од 70 херои кои заиграле во црвено-белиот дрес – играчи како Чарли Џорџ, Лиам Брејди и Иан Рајт – излегоа на теренот и добија аплауз од 38.359 навивачи. Тие беа претставени како „легенди“, а јас бев еден од нив. Да, јас, Пери Гроувс. Црвенокосиот „џинџер“ од Колчестер Јунајтед, типот со Тинтин фризура што беше првото засилување на Џорџ Греем кога го градеше својот најдобар тим кој грабеше титули, династија која подоцна беше продолжена преку иновативниот стил на Арсен Венгер и неговиот тим предводен од Тиери Анри. Истиот оној Пери Гроувс кој постигна погодок на своето деби за клубот и беше обожаван од страна на навивачите и кој на крајот се најде на мета на „boo“ момците, оние кои нѐ исвиркуваа. Сум бил и на победничката и на губитничката страна на Вембли, имам освоено две титули во англиското првенство, имам играно на Стадионот на светлината во Лисабон во Купот на шампионите и бев дел од култната победа на Енфилд, натпреварот со кој Арсенал ја обезбеди титулата во последните секунди…“

8901715_orig

Пери Гроувс е култен херој, нешто што во денешно време навивачите го гледаат во Џек Вилшир. Можеби во тоа време било едноставно полесно да се поврзете со играчите, да ги чувствувате блиски до вас. Сега, во ерата на интернетот, социјалните мрежи се оние кои ги поврзуваат играчите со навивачите. Во тоа време, да сте живееле во Лондон, сте имале голема шанса да наидете на Пери и друштвото во некој паб, каде самиот Пери би можел да ве почести пијачка или да ви ја ќари девојката (како што често се шегува самиот). Завршува во стилот на вистинска легенда: „Во текот на мојата кариера во Арсенал, дел од навивачите ме обожаваа, а дел ме мразеа. Некои навивачи обожаваа да ме мразат, но најголем дел ме почитуваа поради тоа што бев Топчија во срцето. Тие исто така знаеја дека иако не бев најдобриот и најталентиран играч, на теренот секогаш давав сѐ од себе, бувално сѐ во текот на целите 90 минути. Мислам дека токму тоа создаде посебна врска помеѓу нас. Како да не бев од тој свет. Немав некои посебни квалитети туку само бев само еден од нив кој успеал да заигра во својот тим од соништата. И знаете што? Знам дека нема да ви се верува, но мислам дека Арсенал нема загубено натпревар во кој јас сум играл како стартер. Знам дека не сум најдобриот играч во историјата на Арсенал, но јас сум дел од таа историја и никој не може да ми го одземе тоа“.

п.с. Во сабота, јас и друштвото имаме средба со Пери Гроувс. И не можам да ја искажам својата благодарност што токму поради таа средба седнав да исчитам толку многу прекрасни нешта за овој човек, па затоа решив дел од нив да ги споделам со вас. Слики ќе споделиме следна недела, а се надевам и впечатоци од средбата. 🙂

 

Нема коментари

Остави мислење