Интервју на Микел Артета со The Gooner

Screenshot_2

.. и уште четири други фанови од четири различни фан групи.

 

– Рековте дека оваа сезона ќе бидете сериозни кандидати за Премиер лигата и за Лигата на шампионите. Што е поразлично оваа година?

Мислам дека тоа што сме се бореле заедно како тим во некои навистина тешки моменти. Мислам дека ова е многу важно за групата. Исто така и тоа што додадовме квалитет на тимот, повеќе квалитет со секоја сезона и тоа што не изгубивме ниту еден од важните играчи, како претходните сезони. Така што ова може да биде само позитивна работа. Проблемот е што во Англија имаме пет или шест тимови кои се натпреваруваат со исти амбиции и не е баш лесно да се дојде до титулата.

 

– Гледајќи назад кон ланската сезона, како беше да бидеш капитен на тимот, а во исто време и повреден во голем дел од сезоната?

Тоа е уште едно искуство во животот. Никогаш не можеш да предвидиш што ќе се случи. За мене беше тешка година и лично и професионално затоа што не можев да го правам тоа што најмногу го сакав. Во исто време, беше многу убаво искуство да бидам капитен на тимот. Да бидам позади сцената и да се обидам да им овозможам на играчите и на сите останати најдобра можна атмосфера со што би помогнал клубот да биде успешен. Па, тоа беше убаво искуство.

 

– Која е најголемата разлика помеѓу Арсенал и Евертон?

Најголемата е дека тука во Арсенал мора да се победи секој натпревар и единствената добра работа е само победата. Нерешено не е доволно. Ако не успееш да победиш во едно натпреварување, тогаш значи си потфрлил и амбицијата е многу поголема, а исто така и притисокот. Квалитетот на соиграчите, исто така, е многу поголем. Така да, за мене, тоа е само позитивно и навистина уживам во тоа. Бев голем фан на Арсенал уште пред да дојдам тука затоа што Арсенал е исто така доста голем и во Шпанија, па не бев изненаден кога дојдов тука и кога видов дека станува збор за голем клуб.

 

– Евертон е голем клуб исполнет со љубов и голема поддршка, па што те натера да преминеш во Арсенал?

Понекогаш чувствуваш дека имаш потреба од промена и јас чувствував дека треба да заминам уште една сезона пред да заминам. Кога нема повеќе простор за напредок, а вашите амбиции се малку поголеми, се чувствуваш ограничено и така се чувствував и јас. Тие знаат дека јас ќе бидам секогаш благодарен и дека имав навистина прекрасни моменти и дека го сакам Евертон. Тоа е мојот прв клуб во Англија и прекрасен беше начинот на кој тие се однесуваат со мене, но понекогаш доаѓа време каде што треба да се направи промена. Би сакал да го фатам тој момент што побрзо, отколку да стане премногу доцна за такво нешто.

 

– Тогаш, кој е твојот најдобар натпревар за Арсенал?

Нормално секогаш постојат посебни спомени од првиот натпревар на домашен терен за клубот, тој е навистина посебен. Така беше и за мене во Арсенал бидејќи навистина верував дека овој е најдобриот клуб за мене кога потпишував и се чувствував навистина привилегирано. Кога ја ставив капитенската лента, исто така, беше еден од најдобрите денови. Моите деца растат тука, а тоа е навистина убав процес.

 

– Дали тие се исто така фанови на Арсенал?

Да, големи!

 

– Што би претставувало поголемо задоволство за тебе, титула во Премиер лигата или во Лигата на шампионите и зошто?

Тешко прашање. Мислам дека Премиер лигата е посебна и да се победи сега, со конкуренцијата која постои, би било неверојатно бидејќи тоа значи дека низ целата сезона вие сте биле најдобриот тим. Си поминал низ тешки моменти, си бил навистина константен и мислам дека титулата би била одлична основа за самодовербата на долг рок. Тешко е да се избере, но можеби Премиер лигата.

 

– По опоравувањето од повредата, какво е чувството повторно да се приклучиш на тимот?

Навистина сум среќен и задоволен што можам да тренирам секој ден, да се натпреварувам со тимот, да бидам вклучен во натпреварите и во патувањата. Премногу ми недостигаше тоа кога бев отсутен и тогаш дознаваш колку им е тешко на играчите кои се сега повредени, како Дани Велбек на пример, и Томас Росицки. Бев на нивно место и навистина не е лесно затоа што фудбалот е секојдневен процес и кога не си во можност се чувствуваш како да не постоиш, но многу се учи и од тоа.

 

– Премина од Евертон во Арсенал на последниот ден од преодниот рок. Кажи ни нешто повеќе што поточно се случуваше, дали понудата да преминеш во Арсенал беше добиена во последен момент?

Беше неколку денови претходно, а исто така и две години претходно, но Арсенал не можеше да дојде до договор со Евертон, па тоа се случи на последниот ден. Денот беше многу стресен, но на крај се склучи договорот и тоа беше во последните моменти.

 

– Значи вие бевте во контакт со Арсенал и претходно, но договорот се склучи на последниот ден?

Да.

 

– Како работиш за да се вратиш повторно во првиот тим после повредата?

Напорно колку што можам. Знаев дека кога се вратив од повредата, моите соиграчи ќе имаат предност затоа што бев отсутен осум месеци и тоа е навистина голем период. Мојата цел е да останам здрав и спремен, да тренирам напорно, и кога ќе имам шанса да заиграм, да ја искористам својата шанса. Така да, ако дојде до прилика, супер, ако не дојде тоа значи дека тимот прикажува навистина добри игри, а тоа не е воопшто лошо.

 

– Според тебе, кој е најспособниот играч од Арсенал?

Алексис Санчез.

 

– Зошто?

Некои од работите кои ги прави и брзината со која ги прави се неверојатни. Тоа е на сосема друго ниво.

 

– Кој е најголемиот шегаџија?

Санти би требало да е еден од нив.

 

– Зошто?

Навистина е смешен. Многу интересен човек.

 

 Малку спомна за промената во клубот и напредокот во наредните неколку години, се надеваме и со титули. Како тимот се промени во годините во кои ти си тука?

Кога дојдов во клубот на последниот ден од трансфер пазарот, клубот беше во многу нестабилна положба. Изгубија два натпревари и изиграа нерешено на еден, еден од најлошите стартови на сезоната кои ги имал клубот. Ги продадоа најдобрите играчи во претходните две сезони исто така и постоеше голема нестабилност во клубот. Не постоеше поврзаност помеѓу навивачите и клубот. Постоеа многу различни мислења во тоа како работите треба да бидат направени, а после тоа, почна да се поправа ситуацијата и почнавме да стануваме поблиски меѓусебе и да внесуваме нови идеи. Сега мислам дека нашиот однос е предобар. Поддршката која ја добиваме кога играме на домашен терен и амбициите, како и очекувањата кои фановите ги имаат од нас, сè е предобро.

 

– Што ги смени работите?

Мислам дека тоа беше најголемата битка. Кога Арсенал премина на Емирати, требаше да се потрошат 220 милиони, а на крај потрошија 430 милиони, па мораше да се направи некаков баланс. Тоа не е тајна. Арсенал не е клуб кој ќе ги земе милионите од еден сопственик и само ќе троши. Тие сакаа да го водат клубот на фер начин и на начин кој гарантира одлична иднина, а не само сегашност, и тие го направија тоа. Беше доста критикувано тоа време, но тие го направија тоа мислејќи дека е најдобар начин и им давам голема заслуга на овие луѓе бидејќи не е баш лесно да се оди против мислењето на јавноста. Знам дека поминаа низ многу тешки периоди бидејќи другата опција беше многу полесна, но начинот на кој го направија тоа ги среди работите и сега се во одлична положба.

 

– Како е да се работи за Арсен Венгер?

Тоа е привилегија, може да се научат многу работи од човек со толку голем дух и кој верува во фудбалот. Мислам дека начинот на кој се однесува со секого и начинот на кој се грижи за клубот, тоа е реткост во овој свет. Тој не е овде долго време само поради тоа што носи трофеи, успех или само поради тоа што донесе нешто различно во Англија. Тој е посебен човек.

 

– Како би го опишал?

Тој е еден од најлојалните луѓе што сум ги сретнал во светот на фудбалот. Работи многу напорно. Целосно е опседнат со фудбалот и има посебна страст за развој на играчи. Тој е стрплив и доста разбирлив. Тој гледа некои работи во младите играчи кои други луѓе не ги гледаат и тој е човек од кого можеш да научиш многу. Исто така тој е и еден од најинтелигентните луѓе кои ги имам сретнато.

 

– Како е да се игра за Арсенал? 

Тоа е една од најдобрите работи кои можат да ви се случат. Доаѓањето во овој клуб и чувствувањето на сè она што се случува во клубот, навистина е неверојатно. Филозофијата на фудбалот која ја имаме и начинот на кој уживаме играјќи за овој клуб, поддршката која ја имаме, стадионот на кој играме. Кога патуваш низ светот и кога гледаш колку луѓето се луди за овој клуб, навистина сме привилегирани.

 

Интервјуто е преземено од www.onlinegooner.com.

Нема коментари

Остави мислење