Хајбери (Highbury)

highbury_stadiumСтадионот Хајбери беше дом на фудбалскиот клуб Арсенал цели 93 години, од 6 септември 1913 до 7 мај 2006 година. Официјалното име на стадионот е „Арсенал Стадион“, но сепак беше многу попознат како Хајбери, име кое што го добива по локацијата на која е изграден. Меѓу навивачите и клубот беше уште познат и како „The Home of Football“ односно, Дом на фудбалот.

Изградба

Стадионот е набрзина изграден во летото 1913 година, кога фудбалскиот клуб Вулвич Арсенал се сели од Манор Граунд, Пламстед (југоисточен Лондон) на Хајбери (северен Лондон). Со ова не само што започнува една нова ера во историјата на Арсенал, туку започнува и едно од најголемите фудбалски ривалства во светот, северно лондонското, помеѓу Арсенал и Тотенхем. Првично клубот ги изнајмува спортските терени на локалниот колеџ за 20000 фунти, а во 1925 година клубот го откупува земјиштето на кое што веќе е изграден стадионот. Стадионот е дизајниран од страна на Арчибалд Лич, кој во тоа време бил архитект на многу фудбалски стадиони (Ливерпул, Челзи, Глагов Ренџерс …) и го дизајнирал Хајбери во сличен стил како повеќето стадиони во тоа време, со една покриена и три отворени трибини. Па така на почеток е изградена само Источната трибина, а на другите три страни имало само скали за стоење. Вкупната цена за изградба на новиот стадион изнесувала тогашни 125000 фунти.

Историјат

Првиот натпревар на Арсенал на Хајбери, иако изградбата не била завршена, е одигран на 6 септември 1913. Тоа е натпревар од Втората Фудбалска Дивизија против Лестер Сити (тогашен Лестер Фосе) на кој Арсенал победува со 2:1. Играчот на Лестер, Томи Бенфилд, го постигнува првиот гол на Хајбери, а Џорџ Џоби станува првиот играч на Арсенал кој постигнува гол на новиот стадион за подоцна Арчи Дивајн да го постигне и вториот победнички гол на 12 минути пред крајот. На овој натпревар присуствувале 20 000 гледачи.

Голем дел од оригиналната градба и изглед се изгубени во неколкуте поголеми надградби и реконструкции во триесетите. Првата надградба била на Западната Трибина, дизајнирана од Клод Ферие и Вилијам Бини во Арт Деко стил, која е отворена во 1932 година. Истата година, на 5 номеври локалната станица од метрото е преименувана од „Гилеспи Роуд“ во „Арсенал“. Во 1936 година е срушена Главната трибина и на нејзино место е изградена Источната Трибина, иста по големина со Западната. Северната и Јужната трибина, кои всушност биле бетонски скали за стоење, во тоа време се покриени. Исто така на јужната трибина во ова време е поставен и познатиот часовник на јужната трибина, кој што во 2010 е наместен и на новиот Емирати стадион. Поради часовникот јужната трибина станува позната и како Клок енд (Clock End). За сѐ ова најголема заслуга има тогашниот менаџер на Арсенал Херберт Чепман.

183669069_c663083f46_b

Следните 50 години, стадионот помалку се менува. За време на втората светска војна Северната трибина е бомбардирана и е повторно изградена, а покривот е обновен дури во 1956 година. Рефлектори се поставени во 1951, а првиот натпревар одигран под рефлектори бил пријателски со Хапоел Тел Авив во септември, истата година. Греењето на теренот е додадено во 1964. За разлика од многу други стадиони, Арсенал одбива да постави ограда околу теренот, дури и во време на дивеењето на фудбалските хулигани низ Англија во осумдесетите. Поради оваа одлука стадионот бил отстранет од листата на локации на кои може да се играат полуфинални натпревари од ФА Купот.

Во раните деведесетти, по катастрофата на Хилсборо, објавен е Тејлоровиот извештај. Во него е предложено сите стадиони целосно да бидат опремени со седишта. Па така Северната трибина, која со тек на времето станува дом на најстрасните навивачи на Арсенал, е срушена во 1992. Новата северна трибина има капацитет од 12500 седишта распоредени на две нивоа. Јужната трибина исто така е редизајнирана во тоа време. Прво е покриена и додадени се вип ложи во 1989, а четири години подоцна е опремена и со седишта.

Така Хајбери го добива изгледот по којшто е познат до крај на неговиот животен век. За жал со последните промени значително намален е капацитетот на стадионот и тој изнесува само 38419 места (на европски натпревари е уште помал). Стадион со ваков капацитет станува премал за клуб со реномето на Арсенал, а тоа посебно се чувствува во ерата на Арсен Венгер (од 1996 година), кога клубот бележи огромни успеси и стадионот е полн до последно место на секој натпревар. Поради пречките за проширување на стадионот, како статусот на заштитена градба која го има Источната трибина, се решава да се изгради нов стадион на кој клубот се сели во 2006 година.

Последниот натпревар на Хајбери беше натпреварот од Англиската Премиер лига одигран против Виган на 7 мај, 2006 година. Тоа беше натпревар исполнет со емоции поради разделбата со Хајбери, нешто што се сметаше како огромен дел од самиот клуб. Натпреварот сепак буди добри спомени за навивачите бидејќи Арсенал победува со резултат 4:2 и го освојува четвртото место во Премиер лигата, со што повторно се пласира во елитната Лига на Шампиони и тоа на сметка на омразениот ривал Тотенхем. Во таа победа хет трик постигнува Тиери Анри, најдобриот стрелец на сите времиња на Арсенал, а со третиот негов гол на овој натпревар останува запишан и во историјата на Хајбери, како последен стрелец на овој стадион.

Во 2006 година стадионот се пренаменува во елитен станбен комплекс. Проектот е познат како „Хајбери Сквер“, и има 724 луксузни апартмани во препознатливиот Арт Деко стил. Северната и Јужната трибина се срушени, а познатиот часовник од Јужната трибина е преместен на новиот стадион. Надворешните фасади на заштитените Источна и Западна трибина се конзервирани и се вклопени во новите градби, додека теренот на стадионот е претворен во заедничка градина на комплексот. Во октомври 2005 година започна продажбата на апартманите и до мај 2006 беа купени сите места во Северната, Источната и Западната „трибина“. Изградбата заврши во 2009 година.

Интересни факти поврзани со Хајбери

На Хајбери освен натпревари на Арсенал се имаат одиграно и 12 интернационални натпревари. Позначајни меѓу нив се:

  • Англија против Белгија, 1923 година – Првиот натпревар кој Англија го одиграла против репрезентација надвор од Британија и Ирска
  • “Битката на Хајбери” – познатата победа со 3-2 на Англија против светскиот шампион Италија во 1932 година, натпревар во кој седум играчи на Арсенал се во стартниот состав на домаќинот.
  • Два натпревари од летната олимпијада во Лондон 1948 година

Првиот фудбалски натпревар кој бил пренесуван во живо на радио бил натпреварот на Арсенал против Шефилд Јунајтед, одигран на Хајбери на 22 јануари, 1927 година. Десет години подоцна, на 16 септември 1937 година, е извршен и првиот телевизиски пренос од фудбалски натпревар, повторно од Хајбери на кој првиот тим на Арсенал играл против резервниот состав.

Најпосетен натпревар на Хајбери е натпреварот на Арсенал против Сандерленд одржан на 9 март, 1935 година. Натпреварот завршил со резултат 0-0 а во живо го гледале 73 295 гледачи. Нормално, тогашниот Хајбери не бил целосно опремен со седишта.

Највисоката победа на Арсенал остварена на Хајбери во првата Англиска дивизија е 9-1 против Гримсби Таун, 1931 година, додека највисоката премиерлигашка победа од 7-0 е остварена против Евертон, 2005 и Мидлсборо, 2006 година.

Најдобар стрелец на Хајбери е Тиери Анри со 137 голови, а воедно е и единствен со над 100 постигнати лигашки голови (114). Втор стрелец на Хајбери е уште една легенда на Арсенал, Клиф Бастин со 103, додека трет е Иан Рајт со 97 голови.

Во последната одиграна сезона (2005/2006) на Хајбери, дресот на Арсенал беше специјално дизајниран во иста боја (винско-црвена) како дресот на Вулвич Арсенал во првата одиграна сезона на Хајбери (1913/1914).