Емирати (Ешбартон Гроув)

100_8285Стадионот Емирати има капацитет од 60,355 седишта со што е трет по големина фудбалски стадион во Англија по Вембли и Олд Трафорд, а трет по големина стадион за универзална употреба во Лондон по Вембли и Твикенхам.

Поради малиот капацитет на поранешниот стадион Хајбери во комбинација со зголемената побарувачка на карти почнало да се бара решение за проблемот како да се оствари поголема заработувачка без да се поскапи цената на веќе прескапите влезници.

Првата идеја била да се прошири Хајбери, но проширувањето било забрането од страна на локалните власти бидејќи Источната трибина била класифицирана како градба од втор степен (заштитена градба од културно значење), а другите три трибини биле во непосредна близина на станбени објекти чии сопственици исто така се противеле на проширувањето.

Така се доаѓа до решение за изградба на нов стадион. Локацијата за новиот стадион била многу важна и поради тоа била многу внимателно одбрана. Првиот услов бил новиот стадион да не биде премногу оддалечен од Хајбери затоа што тоа би било еден вид на непочитување кон навивачите. Исто така морало да се води сметка локацијата да биде дозволена, така што изборот паднал на Ешбартон Гроув, административен дел од градот кој е на само 500 метри оддалеченост од стариот стадион. После неколкугодишното одолговлекување, проектот започнува да се гради во 2004 година.

Emirates-Stadium2

Стадионот Емирати ќе израсне во вистинско ремек-дело на модерната технологија, најмодерниот спортски комлекс на своето време со врвна технологија за наводнување на на тревните површини на стадионот и прекрасно дизајнирани трибини. Стадионот го изградил познатиот архитект Сер Роберт Мекалпин, а за дизајнот била задолжена фирмата ХОК Спорт.

Градењето започнува во февруари 2004 година, иако требало да започне многу порано. Стадионот е завршен во август 2005 година, а свечено е отворен на 26 октомври 2006 година.

Целокупниот потфат чинел 390 милиони фунти или неверојатни 430 милиони ако се сметаат и трошоците кои не се директно поврзани со стадионот. Зазема површина од 6,9 хектари и има височина од 41,9 метри од површината на тревата до врвот на покривот.

Капацитетот на седишта е 60,355. На северната трибина од стадионот има 26,646 седишта, на јужната 24,425 седишта. На овие трибини влезните билетите се поскапи. Најчесто тие се движат од 32 до 66 фунти, а се спуштаат и до 13 фунти на некои натпревари на резервите или пак на младинските натпревари. Најскапи се на дерби натпреварите, купските натпревари или репрезентативните натпревари и се движат од 46 до 94 фунти. Сезонските билети на овие трибини се движат од 885 до 1825 фунти (сезона 2006-2007).

Централната трибина со 7,139 седиштта е поатрактивна и за неа сезонските влезни билети се движат од 2,500 до 4,750 фунти и во оваа цена се вклучени и купските натпревари, како и натпреварите на меѓународната сцена.

На стадионот има и трибина од 2,222 седишта на којашто може да се набават билети и за групи од по 10, 12 или 15 гледачи, а тие за една сезона се движат и до 65,000 фунти и во нив се вклучени сите натпревари во сезоната како и многу други поволности.

Димензиите на фудбалскиот терен на стадионот се 105 × 68, а на тревнатиот дел 113 × 76. На стадионот секогаш се отстапуваат и места за гостинските навивачи кои се семестени во неговиот југоисточен дел. Обично се обезбедуваат од 1500 до 4500 седишта, а за време на купските натпревари и до 9000 (оваа бројка е 15% од капацитетот). Влезниот тунел на стадионот е свртен кон запад.

Емирати важи за еден од стадионите со најдобра трева. На југоисточниот и северозападниот дел од трибините се поставени два огромни екрани кои овозможуваат полесно следење на натпреварите.

Името на стадионот е директно поврзано со спонзорот на Арсенал. На 5 октомври 2004 Арсенал склучува договор со авиокомпанијата „Флај Емирејтс“, со времетраење од 15 години, вреден 100 милиони фунти. Договорот го опфаќа и спонзорство на дресовите со времетраење од 8 години, почнувајќи од сезоната 2006-07.

Најфанатичните навивачи и понатаму го користат името Ешбартон Гроув, според името на местото на кое е изграден стадионот. Оваа разлика меѓу официјалното и навивачкото име е слична како онаа со Хајбери, чие официјално име е Стадион Арсенал. За време на натпреварите од Лигата на Шампионите стадионот не се именува како Стадион Емирати, поради фактот што Емирати не се спонзор на ова натпреварување. Овој пример на Арсенал е сличен со примерот на Баерн Минхен кој го имаше истиот проблем со компанијата Алианц и нивниот стадион во Минхен. УЕФА го нарекува стадион Арсенал, име кое исто така се користеше и за Хајбери.

Првиот одигран натпревар на Емирати е прошталниот натпревар на големата клупска легенда, холанѓанецот Денис Бергкамп. Натпреварот помеѓу двата клуба кои биле најзначајни во неговата кариера, Арсенал и Ајакс, е одигран на 22 јули 2006 година. Натпреварот беше ревијален и претставуваше вистински спектакл. Во првото полувреме ќе настапат тогашните играчи на клубовите, а нивното место во второто полувреме ќе го заземат легендите на клубот. Посетителите имаа прекрасна прилика повторно да ги видат големите легенди како Марк Овермарс, Емануел Пети, Патрик Виера, Иан Рајт, Жил Гриманди, Марко Ван Бастен, Роналд Де Бур, Едгар Давидс и Јохан Кројф. Првиот гол на Емирати го постигнува Клаас Јан Хунтелар со што останува запишан во историјата како прв стрелец на новиое стадион. Арсенал израмнува со голот на Тиери Анри со што тој станува првиот играч на Арсенал кој постигнал гол на новиот стадион, а конечните 2:1 ги поставува Нванкво Кану.

Стадионот Емирати ноќе

Стадионот Емирати ноќе

Стадионот на Арсенал не би бил комплетен и без клупски музеј и галерија. Се разбира дека тука спаѓаат и соблекувалните, медицинскиот центар итн, но сепак музејот на Арсенал ја отсликува историјата на клубот.

Стадионот Емирати има и свои тајни кои нема да ги најдете по енциклопедиите. Следуваат дел од нив.

  • Арсен Венгер, Тиери Анри и Патрик Виера имаат закопано временска капсула. Во неа има најразлични предмети, дел од навивачите, дел од играчите, меѓу кои и еден пар копачки на поранешниот капитен Виера.
  • Соблекувалната на домашниот тим во целост ја има уредено Арсен Венгер според древната кинеска вештина за уредување на просторот, Фенг Шуи. Соблекувалната е во форма на коњска потковица, симбол на среќата и воопшто нема агли и рабови. Просторот има посебна акустика за да можат сите да чујат што зборува Венгер, без тој да мора да го повишува тонот.
  • Подот од соблекувалната кој потоа води кон тунелот е изработен е специјална гума рапава гума на која е невозможно да се лизнете и случајно да се повредите.
  • На почетокот, ѕвончето во соблекувалната било поставено во првиот ред, веднаш до клупата на Јенс Леман, но тоа го иритирало Германецот и затоа подоцна било преместено.